Незаборавна дводневна екскурзија – VI одделение
Со огромно задоволство споделуваме дека нашите ученици од VI одделение од ООУ „Св. Климент Охридски“ – Македонски Брод ја реализираа дводневна екскурзија во мај 2025 година! .
Учениците не само што се збогатија со знаења од историјата и културата, туку и ја зацврстија својата меѓусебна дружба и создадоа спомени што ќе ги паметат долго.
Патувањето нè одведе низ Битола каде учениците имаа можност да прошетаат по Широк Сокак и да го почувствуваат духот на градот на конзулите. Заедно го истраживме античкиот локалитет Хераклеа Линкестис и Историскиот музеј. Во Охрид уживавме во Билјанините извори, Заливот на коските, Античкиот театар, Плаошник, Самоиловата тврдина и црквите „Св. Софија“ и „Св. Јован Богослов – Канео“. Во Струга ја посетивме Спомен-куќата на браќата Миладиновци и Манастирот „Св. Богородица“ во Калишта. Патот продолжи кон Манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица, Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, кањонот на река Радика и Националниот парк Маврово, каде се воодушевувавме на природните убавини.
Оваа екскурзија беше вистинска авантура, полна со нови знаења, другарство и љубов кон нашата татковина! Учениците се вратија со прекрасни спомени и уште посилни врски меѓу себе.
Како што кажа едно дете:
„Наставничке, сакам пак вакво учење – вака учиш, а воопшто не ти е тешко!“
Благодарност до нашите наставници Наташа Стојкоска и Јасмина Батанџиовска за нивната посветеност, како и до родителите за поддршката. Заедно создадовме незаборавни моменти!
Училиште не е само клупа и табла – училиштето е и патување, доживување и учење со срце!